Оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија е суштина на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, изјави синоќа премиерот Димитар Ковачевски. Тој се обрати на првата отворена трибина во рамки на владината кампања „Ние сме Европа“, на која во Скопје се говореше за економските придобивки од членството во ЕУ.
Тој рече дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на два пати повторил дека има кокретна одредница за проширувањето на ЕУ – 2030 година, како и дека оние кои се побрзи во своите реформи, први ќе влезат во 2030 година во Европската унија.
-Сакам на почетокот да расчистиме три дилеми: Прво дека после долго време претседателот на Европскиот совет во Блед и повторно на телевизија Словенија кажа дека има конкретна одредница за проширување на Европската унија а тоа е 2030 година и тоа е истата година за која што ние велиме дека Северна Македонија ќе биде подготвена, истакна Ковачевски.
Ковачевски посочувајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, нагласи дека „тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија“.
-Исто така оттука сакам да ги демантирам пропагандистите платени од трети држави кои не сакаат да ја видат оваа држава во ЕУ, да ги демантирам структурите на поранешните служби на државна безбедност уште од времето на Југославија кои исто така не сакаат да ја видат оваа држава во ЕУ и оние чиишто бизнисни сметаат дека единствено можат да работат во изолирана држава, претседателот Макрон кажа да, Европа со повеќе брзини, но тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија, посочи Ковачевски.