Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав. Вака македонскиот премиер Димитар Ковачевски одговори на денешната провокација на бугарскиот претседател Румен Радев.
Бугарскиот претседател денеска во изјава за агенцијата БГНЕС рече дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјава е задолжителен услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
-Раководството на РСМ може да претендира дека гради модерно мултиетничко општество, кога ќе смогне сили да ги запише сонародниците на Гоца Делчев во својот Устав, рече Радев.
Македонскиот премиер, додаде дека, уставните измени се дел од преговарачаката рамка со ЕУ и ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија.
-Тоа е нешто што ќе тече како процес и треба да се случи за граѓаните да станат дел од Унијата, категоричен е Ковачевски.
Премиерот не сакаше дополнително да ја коментира споредбата на политичкиот дискурс на Бугарија со Русија што ја направи вчера на самитот на Советот на Европа, а која предизвика лавина реакции во Софија.
На прашањето за барањето на Алијансата за Албанците за смена на формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, Ковачевски рече дека се води дискусија во рамките на работната група за уставните амандмани. Сепак, смета Ковачевски, приоритет е да се исполнат условите што произлегуваат од преговарачката рамка и затоа треба да се држиме до тоа.