Ковачевски: На владината седница ќе се разгледува предлогот замената на возачките и сообраќајните дозволи со новото име да биде бесплатна

На денешната редовна владина седница ќе биде разгледана можноста и најверојатно ќе се одлучи возачките и сообраќајните дозволи со новото уставно име да бидат бесплатни до крајот на годината, изјави денеска лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски. За време на престојот во Куманово тој објасни дека таквото решение ќе предложат министрите од редовите на СДСМ.

-Нашите министри денес на седницата на Владата ќе предложат решение со кое ќе може замената на возачките и сообраќајните дозволи до крајот на годината да биде бесплатна. Да биде на трошок на државата, за да може и тој процес да се реализира до крајот на годината како што треба, рече Ковачевски.

Тој рече дека обрасци недостасувале затоа што пандемијата ги нарушила каналите на снабдување и процесот на производство на материјали за документи кои се произведувата во Германија.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера информираше дека во моментов во земјава се испечатени околу 525 илјади возачки дозволи со новото уставно име. До крајот на годинава треба да се променат нешто над 272 илјади вакви документи кои го содржат старото име но кои според датум на издавање се уште се важечки.

Ковачевски искажа жалење во однос на она што граѓаните го поминуваат.

-Она што треба да се истакне е дека во изминатите години имавме 2 години пандемија која што ги наруши и каналите на снабдување, ги наруши и голем дел на производствени процеси во фабриките во кои се произведуваат голем број на документации итн. Секако и можноста за брзо издавање на документите со оглед на тоа дека скоро 2 години имавме мерки за физичко разграничување на граѓаните не само во нашата држава туку и во другите држави во Светот. Секако дека тоа влијаеше. Она што е важно дека голем дел од патните исправи се заменети, меѓутоа би сакал да истакнам дека секое ширење на паника, секое давање на популистички и на како да кажам изјави кои што не се во насока на решавање на проблемот туку се во насока на лично себе истакнување не носат ништо добро. Исто така, се покажа уште еднаш дека не е добро да се даваат популистички и лажни изјави бидејќи ние бевме сведоци во изминатите 4 години каде што дел политичари кажуваа немојте да ги заменувате документите бидејќи ќе го враќале името, сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата а не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот, таква изјава не слушнавме. Се надевам дека МВР со сите свои управи и своето раководство ќе успеат да обезбедат навремено снабдување со обрасци во делот на делот на издавањето на патните исправи бидејќи и тоа сложен процес на обезбедување на обрасци, бидејќи тие не се произведуваат во нашата држава туку се произведуваат во Германија и секако дека со правилно организирање на процесот тој ќе заврши, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Претходна вестПротест на привремено вработените во болницата во Прилеп
Следна вестМакедонија на „црната листа“ – Објавена мапата на држави кои Трамп не би ги бранел од Русија