Ковачевски: Нашите институции да се запрашаат зошто не дошле до податоците за Мерко сите овие години?

Одлуката на американскиот Стејт департмент градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, да биде ставен на американската „црна листа“ е добра можност за да отпочне генерален ремонт на судството, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски. Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски денеска од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.

-Наводите за градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражните и правосудни органи треба да ги испитаат наводите во соопштението од Стејт Департментот и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години, рече Ковачевски.

Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските инетграции на земјата кои меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.

-Сите оние кои се против овој процес, се против овие основи и овие придобивки, рече Ковачевски.

Во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, Ковачевски рече дека одговор на ова прашање ќе мора да даде самиот градоначалник затоа што тој е избран функционер на непосредни избори, а до советниците во Општина Струга упати порака добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

-Сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите. Да не заборавиме – тој бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во Општината, рече Ковачевски.

Претходна вестПрегазена жена во Дебар
Следна вестНово затегање: НБ ја зголеми рефрентната камата за уште 0,25 процентни поени, сега е 6 отсто