Ковачевски: Нема никаква разлика меѓу она ВМРО со Груевски и ова сега со Мицкоски

Концептот на СДСМ значи поголеми плати, пензии, слобода на говор и демократија а концептот на ДПМНЕ изолација и насилство, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синиќешното отворање на промотивниот штаб на партијата во Расадник, општина Кисела Вода.

Во обраќањето пред присутните членови, граѓани и симпатизери, Ковачевски рече дека пред граѓаните во моментов има два концепти.

-Едниот е концепт посветен на демократија, поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, повеќе пари назад кај граѓаните, слобода да секој си го каже мислењето, концепт на европска Македонија.  Вториот концепт е концептот на изолација, страв, насилство, концепт во кој работникот е неважен, продаван низ светот како евтина работна сила, концепт на фрлени пари за споменици, стиропор што ден денес се распаѓаат, жални врби и криминал, рече Ковачевски.

Тој додаде дека оваа разлика беше јасна и видлива и досега, но минатата недела можеше и  со конкретни примери да се види што значи ВМРО на власт и што значи режим.

-За неполни 3 недели колку што имаат министри во техничката Влада, го покажаа вистинско лице, нема никаква промена.  Што значи кога вработени во МВР тепаат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена не смее да направи внатрешна контрола извештај таму. Е тоа е најголемиот потсетник на 2006 година. Веднаш гледаат граѓаните изјави дека ќе било хорор, закани, тепачки по автобуси, истепан полицаец.  Нема никаква разлика меѓу она ВМРО со Груевски и ова сега со Мицкоски. Тоа е иста матрица, истите техники, истите криминални структури, само се различни луѓето што ги спроведуваат. Затоа, никогаш повеќе режим, потенцира претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Претходна вестМицкоски: Потешкиот дел допрва доаѓа, граѓаните се прилично разочарани
Следна вестБојмацалиев на средба со раководството на СВР Куманово: Намалување од 3,6% на вкупниот криминалитет, зголемена ефикасност од 37,1%