Денешната посета и пазарувањето на премиерот Димитар Ковачевски на маркетот во скопската населба Тафталиџе се претвори и во средба со граѓани коишто му се пожалија на скапите цнеи и ниските примања. Ковачевски, во придружба на министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, го проверуваше и намалувањето на цените на одделни артикли кога им пристапија неколкумина граѓани. Тие им искажаа критики за скапите цени и за тоа дека малите намалување не може да го подобрат нивниот стандард.
-Цениве се до плафон. Со два денара поевтини макарони и денар на јајца, тоа не е мерка, дојде тежок живот, не можеме да купиме ни лекарства со тие пари. Кој може да преживее со 12.000 пензија, ве молам, му се обрати една пензионерка на Ковачевски.
Друга пензионерката, пак, му замери на премиерот и за ниските пензии.
На ова Ковачевски одговори дека скапотијата е последица на војната во Украина.
-Точно е дека цените тука, но и секаде беа зголемени затоа што се води војна во Украина. Она што направивме прво е ги замрзнавме цените на дел од производите. Вие ги спомнавте макароните, нив ги намаливме за 15 отсто. Млечните производи, кои се најосновни продукти, ги намаливме за 10 отсто. Ги замрзнавме цените на јајцата и на оризот. Таму каде што не можевме да стигнеме до џентлменски договор, како Влада донесовме одлуки, рече премиерот.