Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Кочани им порача на присутните дека СДСМ е силна партија, која секогаш била на браникот на татковината, подготвена да се бори за граѓаните и иднината на државата.
– Оваа партија, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 стана земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на ВМРО, режим кој 11 години ја блокираше нашата европска иднина. СДСМ и граѓаните се заслужни што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а СДСМ и коалиционите партнери се исто така единствено заслужни што Македонија пред 2 години ги започна преговорите со ЕУ. Сите овие беа тешки, но правилни одлуки за Македонија. Не се откажавме ни тогаш и нема да се откажеме и сега, изјави Ковачевски.
Ковачевски вели дека тоа биле тешки, но правилни одлуки за Македонија и дека и сега како и тогаш, нема да се откажат од визијата за европска Македонија, со европски животен стандард, почитување на европските вредности и европските правила на игра.
– Не се откажавме и во изминатите неколку години, за време на тешка здравствена, енергетска и економска криза, не ги оставивме граѓаните на цедило во ниту еден момент. Ниту еднаш. И покрај кризите ги зголемивме платите двојно, а пензиите за над 50%, ги заштитивме работните места, заштитивме 80.000 работни места во 20.000 компании во кои вие работите, обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки и ги заштитивме најранливите групи на граѓани. Не се откажуваме од Македонија во ЕУ! За тоа говори и тоа што нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма, вели Ковачевски.
Ковачевски додава и дека ќе работат на зголемување на платите и пензиите, на создавање на поволности на младите, но и дека планирааат рекордна помош за земјоделците, во висина од 1.35 милијарди евра.
– Но има една работа која ја знаете и вие ја знам и јас а тоа е дека мора да има конечна и одлучна борба против злоупотребите, неправдите и системската корупција од која не можеме да кренеме глава повеќе од 30 години. И од тоа нема да отстапиме Или ќе воведеме ред, еднаквост и правда за секој подеднакво, без разлика дали е премиер, министер, пратеник, директор или обичен граѓанин. Или тоа или нема да нè биде! СДСМ е современа, прогресивна партија и единствена политичка сила која вистински може да ја однесе Македонија во Европската Унија, порачува Ковачевски и додава дека Македонија мора да чекори по европскиот пат, затоа што тоа единствениот начин за суштински промени во државата.