Ковачевски со честитка по повод Божик

Премиерот Димитар Ковачевски упати писмо со честитки до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ кој денеска го прославуваат верниците на Католичката црква.

Во писмото и до сите верници на Католичката црква во нашата земја, премиерот Ковачевски пишува дека Божиќ е еден од најсветлите празници, кој носи нов живот, нова надеж за подобро утре за секој човек, за секое семејство и за секој дом.

-Големиот Христијански празник-Христовото раѓање, Божиќ е симбол на сплотеност, заедништво, љубов и раѓање на нова надеж. Токму овој празник треба да нè потсети на семејните вредности, на солидарноста и љубовта кон ближниот. Овој голем празник е симбол и на тоа дека сите предизвици во животот треба да се обидеме да ги надминеме со добра волја, трпение, разбирање и подавање рака на ближниот, вели Ковачевски во честитката.

Во изминатата година, додава тој, ги надминавме поголемите потешкотии кои ни ги наметна корона кризата, но се соочивме со енергетско-економска криза.
-Во духот на христијанските вредности, се надевам дека и овој предизвик ќе успееме да го пребродиме во наредниот период и од тоа ќе излеземе посилни, помудри и уште поподготвени да се справуваме и со нови предизвици. А за да го постигнеме тоа, потребно е заедништво, сплотеност и взаемна поддршка без која ништо не е невозможно и се е остварливо, додава премиерот.

Само на тој начин, според него, ќе успееме да ги надминеме и најтешките искушенија. Во духот на овој голем христијански празник, премиерот би сакал сите да се потсетиме на основните христијански вредности-да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов и да не заборавиме да правиме добри дела.
-Создавајќи заеднички вредности за нас и за нашите деца, ќе покажеме дека само обединети и сплотени можеме да одиме напред. Вам и на сите припадници на Католичката црква, како и на сите христијани коишто го слават Христовото раѓање според Грегоријанскиот календар, ви посакувам среќни празници. Христос се роди! Среќен Божик, пишува прмиерот Ковачевски во честитката по повод Божик.