Мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата, особено на раководните лица, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој објанси дека во изработка е нов закон за плати.
-И затоа предложив и е во изработка закон за плати во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат врз основа на таа највисока плата унифицирани, односно ставени во една конзистентна рамка, рече тој.
Висината на платите, според Ковачевски, се решава со правење на закон за плати во државата во којшто ќе се направи конзистентност. Во моментот, според него, во моментов имаме неконзистентност на платите, а тој веќе го потегнал тоа прашање.
– Веќе на тоа работи Министерството за информатичко општество и администрација. Тоа е поголем процес бидејќи се работи навистина за голема управа со голем број на плати, меѓутоа јас нема да отстапам од тој концепт дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица. А што се однесува до другите вработени тоа е предмет на колективно договарање каде што мора да учествуваат и синдикатите заедно со работодавците, рече Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашања за месечните примања на членови на управни и надзорни одбори, Ковачевски рече дека кога се зборува за менаџирање со одредена компанија или организација, треба да се споредат перформансите со примањата.
– Вчера опозицијата објави примања на директори на М-НАВ, кои се повеќекратно поголеми од сите примања во државата. Висината на тие примања јас не знам како е определена, бидејќи не сум се занимавал со тоа прашања. Знам дека таму при определувањето на платата има удел и меѓународните организации во кои што таа компанија членува, бидејќи се грижи за контролата на прелетите и летањето над државата. И самите видовте дека при изборот на кадри кои ќе работат таму ја прават консултантски и експертски куќи надвор од државата, изјави Ковачевски по заедничката прес-конференција со европратеничката Гарсиа.