Претседателот на Србија, Александар Вучиќ го отвори а премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама го поздравија денешното отворање на првиот меѓународен саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува на Саемот во Белград и ќе трае до недела, 4 септември.
Тоа е прва заедничка регионална манифестација на иницијативата „Отворен Балкан“ која обедини околу 400 изложувачи, вклучително и 40 дестилерии, од 22 земји од регионот, ЕУ, но и Австралија, Аргентина, Чиле, Јужна Африка и САД.
– Оваа наша идеја отсекогаш имаше и многу противници, наоѓаа забелешки, бараа влакно во јајцето, поради разни политички причини не им се допаѓаа. Но не можете да победите нешто што е добро и природно. Отворен Балкан не носи ништо лошо, туку на нашите земји им носи добро. Затоа ќе продолжиме, за да го направиме Отворен Балкан понапреден и посилен за сите, рече српскиот претседател Вучиќ.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски нагласи дека суштината на Отворен Балкан не е политичка туку е пред сè економска.
-Отворен Балкан денес покажува што значи интеграција, практична примена на политика на отворени врати и добрососедство. За прв пат на еден меѓународен саем на храна, вино и туризам, од С Македонија има 42 винарници и три дестилерии, со над 300 вина и ракии и над 10 производители на храна. Дали е можно да се направи ваков саем во С Македонија, Албанија и Србија. Не е, затоа што олкав број на излагачи е многу скапо. Затоа го направиме заедно и него ќе го посетат стотици илјади луѓе, рече Ковачевски додавајќи дека ваков саем ќе прерасне во традиција, бидејќи се вкрстени винските патишта на Балканот.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека се изгубило многу време да си докажеме кој бил прв во нешто.
-Но сите научивме едно – никој не си оди од овде. Нашите држави ќе бидат тука и по нас. Со векови по нас. Изборот ни е едноставен – како да останеме тука, заедно, во истото европско соседство и да го направиме ова соседство попријатно и помирно за живот. Или може да фрламе камења едни на други и да кажуваме работи како што правевме со години и векови. Не претерувам кога велам дека ова е саем на високо европско ниво. Се гледа дека е поубаво кога сме заедно, кога сме поблиски со луѓето, да видиме што ни е заедничко, наместо како порано да си го вртиме грбот едни на други, без да знаеме ништо едни за други, со многу конфликти. Ова соседство веќе да не трпи од духовите на минатото, рече Рама.
Саемот денеска од 16 часот ќе биде отворен за посетители кои ќе имаат можност да посетат различни тематски дефинирани изложбени целини, да се едуцираат и да се информираат за историјата и потеклото на виното, процесот на производство, видовите на вино, потрошувачката, но и да ги вкусите и купите најдобрите вина од балканскиот регион и светот. Посебен дел од настанот ќе биде посветен на најпознатите гастрономски специјалитети од овој дел на Европа, а идејата е на саемот да се претстават Србија, Северна Македонија и Албанија со нивната традиционална храна. Работното време на саемот е денеска до 20 часот, во петок и сабота од 12 до 20 часот и во недела од 12 до 19 часот