Дали ќе ја разрешите Министерката за одбрана, која според вешт наод на психијатар е на седативи, се чувствува бесцелно, опседната е и има инхибиција, прашање е коешто денеска упати Драган Ковачки, пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Димитар Ковачевски. На собраниската седница посветена на пратеничките прашања Ковачки рече дека во Владата има министер кој „не може да се носи со секојдневните обврски“.
-Согласно вешт наод и мислење од специјалист психијатар од 16.02.2023 година, подолг период е на седативи и има чувство на немоќ. Конкретно, на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала, изјави Ковачи.
Ковачки потенцираше дека според извештајот министерката чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и вели 3 месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир, често има нарушен сон и инхибиција.
– Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на Министерот која сама-доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптеретен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи, потенцира Ковачки додавајќи дека ваквите лица не може да имаат безбедоносен сертификат.
На оваа реагираше министерката Славјанка Петровска која најави тужба против Ковачки. Таа возврати дека тоа е извадок од вештачењето на нејзиното однесување откако Ковачки ја изнел првата бескрупулозна лага за неа (дека поседува хациенда) за што веќе покренала судска постапка.
-За таа лага ќе се видиме на суд, а многу брзу ќе се видиме и за најновата за Косово. Добивме официјален допис од косовските власти во кој стои дека настанот за кој тој обвини, дека претсавници на нашето военото разузнување биле уапсени во Косово додека биле таму во тајна мисија, воопшто и не се случил, рече Петровска.,
Таа му порача на Ковачки дека е и здрава, стабилна и подготвена да возврати на сите лаги и конструкции од негова страна.