Народот јасно кажа НЕ на асимилаторскиот и понижувачки предлог а како власта станува понервозна притисоците на МВР се зголемуваат, изјави денеска Драган Ковачки, пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На партиската конференција за печат тој укажа дека се поднесуваат неосновани пријави против лицата кои учествуваат во протестите.
– МВР спротивно на закон поднесува пријави на лица кои учествуваат мирно и достоинствено во протестите и на блокадите. Овие притисоци нема да им поминат, затоа што народот храбро стои зад ставот НЕ на ултиматумите и уцените. ВМРО-ДПМНЕ ќе им излезе во пресрет со правна помош на граѓаните кои по овој основ добиваат пријави по насока од Спасовски, наведе тој.
Тој потенцира дека секојдневната масовна поддршка од интелектуалци, експерти за ЕУ интеграции, уметници, лекари… односно од целиот македонски народ, е јасен сигнал што треба да направи Владата на Ковачевски.
-Владата под итно треба да го отфрли овој предлог за кој најпрвин глумеше дека го одбила, за да после тоа на невидено да го прифати и да глуми некакви консултации со самопрогласени владини експерти кои се платени токму од Владата, односно од народот. Народот на Македонија веќе и’ ги испорача потребните консултации на Владата, односно секојдневно кажува НЕ на бугаризацијата и бришењето и исчезнувањето на македонскиот народ, рече тој.
Според него, од притисоците на Спасовски страдаат и припадници на МВР кои изминатите денови се прераспределуваат и казнуваат затоа што одбиваат да учествуваат во сценариото на власта за малтретирање на сопствениот народ.
– ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува припадниците на МВР да постапуваат по законот и да пркосат на заканите и уцените на раководството на МВР кои незаконски им ги упатуваат, рече Ковачки.