Кратка поука за „северните“ власти околу Гоце Делчев

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

За историјата и културата на еден народ, во случајов и на македонскиот народ, не се преговара! Затоа сите постапки на власта, да го оправда овој апсурд, се бесрамни, но за жал,  се „упорити“. Македонската власт именувана како северна (2019), прифаќајќи го безпоговорно терминот „заедничка историја“ и одредбите од членот 8 од Договорот за добрососедство со Р Бугарија (2017) се согласува со наметнатото проблематизирање на македонската историја и на културна асимилација на македонскиот народ. Ова е апсурдно, затоа и „идентитетскиот спор“ што произлегува од овој Договорот (но и од Преспанската спогодба) е ирационален, но и срам за меѓународната заедница врамена во ЕУ, бидејќи упорно го поддржува!

Од друга страна, камо среќа да имавме образовани политичари или барем неколкумина такви во политиката! Немаше да трпиме срамови и понижувања, како народ и држава! Замислете, на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, споменатава власт го оневозможи достоинственото чествување и одавање почит кон деецот од страна на Македонците. Срамно, недолично, но за жал вистинито! Оваа ароганција, се должи на полтронството и на неукоста на највисоките „северни“ претставници на власт.

Во основата на нивното сирово расудување е дека македонскиот револуционер Гоце Делчев е составен дел од „заедничката историја“ со Бугарија. Misérable! Ќе се обидам низ неколку историски примери да ги подучам, дека Делчев не е и „бугарски револуционер“.

Тој не е таков јунак и во 1896 г., кога како претставник на Централниот Комитет (ЦК) на Македонската револуционерна организација (МРО), остро настапил пред бугарскиот генерал Данаил Николаев, претседателот на Врховниот македонски комитет (ВМК), велејќи му: „Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија“.

Потоа, како задграничен на ТМОРО, Гoцe Делчев бил упорен во зачувување на самостојноста на македонското ослободително дело, во настапите против разните Бугари – Гарвановци, Цончевци и други, но и против пробугарските и прокнежевски Станишевци, Сарафовци и други.

Делчев, не е бугарски јунак и кога државниот бугарски национализам правел планови да го ликвидира, во што и веројатно успеал во мај 1903 г. Можеби присуството на Гоце во Бугарското кнежевство и неговата активност сред македонската емиграција, организирана тогаш во легалната органиација – ВМК и под силно влијание на кнежевската власт, ги залажува „северните“ да го замислуваат и како бугарски, односно заеднички јунак!

Можеби османлиското опредлување – „Бугарин“, според тогашниот милет-системот им ја засилува увереноста дека Делчев е и бугарски јунак, па оттука и македонски!

Ова е неуко политичко бладање, но со практична реализација – разградување на македонските вредности и особености! Спасот од оваа политичка чума е во народното сплотување и враќање кон словото на АСНОМ! Ќе повторам, назад кон АСНОМ!

А, нам проучувачите (некомисисти) и натаму ни претстои да ги подучуваме необразованите, да ја осознаваме и проучуваме македонската историја, нејзините јунаци – знајни и незнајни и да пишуваме без трошка политичко или друг вид на улизување!

 

Претходна вестШилегов од високо гледа како им е на скопјани без него во градоначалничката фотелја
Следна вестВМРО-ДПМНЕ прашува кога СДСМ ќе се изјасни за Декларацијата за Гоце Делчев