Кривичен суд: Апелациониот суд донесе одлука по една година чекање, да се анализира зошто предметите застаруваат

Повик да се направи анализа зошто застарувата одредени судски предмети упати денеска Кривичен суд Скопје. До ова доаѓа по реакциите во јавноста по укинувањето на пресудата во случајот „Организатори на 27 април“.Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда во случајот „Организатори на 27 април“, во кој беа осудени поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

На ова реагира и министерот за правда Кренар Лога кој предупреди дека пропустите во постапката стануваат пракса за одредени судии.

– Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии. Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка, вклучувајќи и дисциплинска, ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво, соопшти Министерството за правда.

На ова реагираат од Кривичниот суд во чиешто соопштение се наведува дека треба да се направи анализа.

-Во правец на изјавата на министерот за правда како суд ги повикуваме медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои суштествени повреди предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството, посочуваат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи.

-Можел да одлучи веднаш, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас, пишува во соопштението од Кривичен суд.

Оттаму додаваат дека апелациските судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок.

-Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред сѐ од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите ‘добронамерни‘ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука, реагираат од Судот.

Претходна вестОПЕК+ го намали производството, цените на нафтата пораснаа
Следна вестРевизорите открија: На Клиниката за онкологија не се користи скапа опрема, лекови на реверс, нема критериуми за пациенти…