Кривичен суд: Немаше доволно докази за да им се изрече мерката притвор на осомничените за нападот во М-НАВ

Од доставените докази не произлегува дека осомничените за упадот и нападот во М-НАВ ги исполниле условите предвидени во кривичното дело со кое се загрозува безбедноста на аеродром за да им се изрекне притвор. Вако објаснување денеска даде Кривичен суд Скопје по бројни рекации во јавноста на осомничените да им се изрекне само мерка на претпазливост.

Од Кривичниот суд тврдат дека  постапуваат врз основа на приложените докази и слободно судиско убедување и дека се работи за настан кој од кривично правен аспект постоел. Од Судот наведуваат дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица.

Се објаснува и суштината на кривичното дело кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека: „Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.

Врзано со ова, од Кривичниот суд објаснуваат дека според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.

-Имено, од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму, не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно, мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев, велат од судот.

Тие заклучуваат дека самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело.

-Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид. По добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката, велат од судот

Претходна вестВо Србија дозволено движење на возила со косовски регистарски таблички
Следна вестЛазаров го одреди конечниот список за ЕП во Германија