Основниот кривичен суд Скопје денеска информираше дека го прифатил во целост обвинението против четворицата обвинети за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Судот уште информираше дека против првоосомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски – Палчо истрагата сѐ уште трае.
– Советот за оценка на обвинителен акт со КООА 83/24 донесе решение против обвинетите : В.М., Б.В. и В.К. обвинети за по две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл. 22 од КЗ и чл. 123 ст. 2 т.1 и т.4 в.в со чл. 22 од КЗ како и две кривични дела – Грабнување од чл. 141 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл. 22 и чл. 141 ст. 1 в.в. чл. 22 од КЗ, и обвинетиот А.Ѓ. обвинет за едно кривично дело Грабнување чл. 141 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 од КЗ, а поврзано со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. во ноември минатата година. Советот по разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост, се наведува во соопштението на Основниот Кривичен суд – Скопје.
Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување.
-За ова, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена, соопштија од судот.
Во однос на постапката против прво осомничениот за двојното убиство – Љ.П. (Љупчо Палевски-Палчо) судот ја информира јавноста дека постапката е сеуште во фаза на обвинителска истрага. Палевски доби адвокат по службена должност откако ниту еден од тројцата предложени од негова страна не се согласи да го застапува во постапката.
Вања и Панче беа убиени кон крајот на ноември минатата година.