Кривична за чувар во „Идризово“ на кого му избега затвореникот кој потоа ограби обложувачница

Поднесена е кривична пријава за затворскиот полицаец од Скопје вработен во Идризово на кого му избега затвореникот кој потоа ограби обложувалница во Маџари.

– Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(47) од Скопје, за сторено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“. Тој, во својство на службено лице – вработен во Затворска полиција во Идризово Скопје, го ослободил осуденото лице Д.К. од Куманово, овозможувајќи му да избега од установата.

Имено, Ј.Ј. на 20.05.2023, додека бил на смена, го ослободил Д.К., осуден на издржување казна затвор до 2027 година за сторени кривични дела по чл.237 ст.1 и чл.396 ст.1 од Кривичниот законик, кој имал затворен третман од категорија Б2. Осуденикот, искористувајќи ја довербата на Ј.Ј., му ја побарал службената магнетна картичка за отворање на безбедносната врата од Отвореното одделение, со образложение дека ќе оди во друг дел од одделението каде претходно бил работно ангажиран.

Откако осуденото лице ја отворило безбедносната врата, му ја вратило картичката на сопственикот, а потоа се оддалечило кон „зелената капија“. Нешто подоцна, при извршена проверка на бројната состојба, било констатирано дека осуденото лице недостасува, односно дека побегнало од затворот, информираат од МВР.

Истиот ден, околу 09.16 часот во казино на ул.„Благоја Стефковски“, осуденикот извршил разбојништво со закана со пиштол, при што од вработениот одзел пари и избегал. За кусо време бил пронајден од страна на полициски службеници и лишен од слобода.

Претходна вестТинејџер удрил во полициско возило, повредил полицаец и избегал
Следна вестПотписите на специјалистите веќе нема да се потребни, матичните лекари ќе ја препишуваат терапијата