Одделението за внатрешни работи Кочани до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против С. З. (34) од Кочани. Тој се сомничи за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето казниво според Кривичниот законик.
Според полицијата, пријавениот, вршител на должноста директор на Средното општинско училиште „Ѓошо Викентиев“ во Кочани, со почнувањето на учебната 2022/2023 година дал под закуп деловен простор, сопственост на училиштето, на правно лице од Кочани, без да спроведе посебна постапка за закуп на недвижни ствари со електронско јавно наддавање и без да склучи договор за закуп на деловен простор.
Пријавениот бил должен да формира комисија за располагање со недвижни и движни ствари на училиштето, која ќе ја спроведе постапката за електронско јавно наддавање за давање под закуп деловен простор и да склучи договор за закуп на деловен простор со најповолен понудувач, односно учесник на јавното наддавање, кој понудил последна цена, која претставува највисока за месечната закупнина.
Но, тој ја искористил својата службена положба и овластувањето и сам го избрал правното лице на кое му го дал деловниот простор под закуп. На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на училиштето, а на правното лице му овозможил бесправно да стопанисува со бифето и да стекне поголема имотна корист.
„Со наведените дејства пријавениот постапил спротивно на член 24 став 3 и 4, член 37 и 39 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 78/15, 106/15, 153/15, 196/16, 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/19, 275/19 и 122/2021), со што сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353 став 4 в.в. став 1 од Кривичниот законик“, појаснуваат надлежните.