Крмов до Мицкоски: Останете си на зборот, дадете заклетва без „Северна“

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, на собраниската седница посветена на изборот на новата влада го повика мандатарот Христијан Мицкоски да даде заклетва без „Северна“.

-Секогаш кога ќе има лоша влада на СДСМ, доаѓа ВМРО и обратно и, за жал, мандатаре, Вам Ви се обраќам, уште во старт ретириравте на неколку полиња! Прво и основно ретериравте кај придавката Северна и рековте дека сега ќе го изговарате, наводно, новото име. Во една емисија рековте дека дури и мандатот ќе го жртвувате. Вие новата придавка не сакавте ни да ја ословите која е, викавте дека нема да ја изговорите, а сега тврдите и сами кажавте дека ќе дадете заклетва со таа придавка. Еве, јас ве повикувам, да не испадне дека го кршите зборот, имате време да си дадете оставка, па да си останете на зборот, истакна пратеникот од „Левица“, Борислав Крмов, на собраниската седница, обраќајќи се кон Мицкоски.

Крмов потсети дека едно од големите ветувања на ДПМНЕ беше дека ДУИ ќе оде во опозиција.

-Го факторизиравте ДУИ. Ветувавте дека ДУИ нема да биде фактор и кога дојдовме за гласање на Законот за организирање на државната управа, кога ви требаше две- третинско мнозинство, седнавте со ДУИ и се договоривте. Следуваат измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, исто, закон, којшто се носи со две -третини и за којшто е потребно дури и Бадентерово мнозинство, така што уште повеќе ќе влезете во договор со нив, а бесрамно лажевте пред изборите дека „Левица“ работела со ДУИ! Вие не издржавте ни влада да формирате и веќе ги факторизиравте. Народот не е наивен. Сигурно, не се работи тука за пазарење за некоја комисија во Собранието за правична застапеност и слично. Моја претпоставка е дека ДУИ преговара да си ги спаси своите функционери од прогон. Вие, како викавте, ја споредувавте таа партија со рак – рана, криминално здружение и слично, за сега со нив во прв момент да се здружите уште пред да имате влада. И, еве, мое мислење е дека во тој табор како и до сега нема да има никакви пријави и апсења. Значи, народот да не очекува, објасни Крмов.

Крмов го потенцираше задолжувањето на државата со 1 милијарда евра што уште во старт, како што рече, го планира ДПМНЕ, а истото го најавил Мицкоски.

– Тоа, нечесно, не го кажавте пред граѓаните уште пред изборите, затоа што знаете колку се граѓаните осетливи на задолжување. Имено, вашите пратеници секој ден во Собранието скокаа тука, се бунеа за секој земен грант од странство, за секој кредит, додека сега вие, фактички, го правите истото. Јас сметам дека ова ќе биде ново „Скопје 2014-та“, а пола пари од тие ќе отидат за сомнителни тендери! Барем пола пари од тие планирате да ги пумпате во општеството, потенцираше пратеникот Крмов.

Претходна вестЛукаревска: За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања
Следна вестНимиц: Употребата на уставното име во писмена, но не и во усна форма ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија