Професорката на Правниот факултет при УКИМ Каролина Ристова – Астеруд одговара на 10 прашања надвор од образованието, од политиката…
1.Три најсреќни моменти во животот?
– Првото самостојно патување во странство на неполни 16 години возраст (Лондон), кога станав мајка, и за време на семејната патувачка авантура во Австралија.
2.Три работи за кои се каете што сте ги направиле?
– Претеран перфекционизам во низа работни проекти; не го искачив Олимп со мојот покоен татко; често слушам дека треба да се каам што сум одлучила да останам во Македонија, наместо во САД, понекогаш се согласувам.
3.Тројца Македонци/ Македонки од сегашноста со кои се гордеете?
– Симон Трпчевски, Македон Димитровски, нашето чудо од дете-математичар; и, мојата мајка, д-р Милка Ристова, судија на Врховниот суд во пензија – се гордеам кога нејзиното професионално дело, интегритет и судечка мудрост се посочуваат за ука и референца за помладите во правосудството.
4.Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?
– „Убав ум“, патувања од мојата бакет-листа, и самотија (по големи напори, особено ако подразбира и скијање или море).
– Нечесност од секој тип и во секој контекст, отсуство на професионализам и декорум, и јавната (ни) нечистотија.
5. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученичка?
– Геометрија (цртањето паралелограми) и вадење корени од математика, како и општотехничко образование (ОТО), уште го паметам стресот од домашната да направам држач за салфетки.
6. Три работи во кои сте добра, и три во кои не Ве бива?
– Добра во професијата, „дрвена адвокатура“ и „адвокатура на ѓаволот“.
– Не ме бива, а и одбивам, да тактизирам со нешто лошо; делувам дружељубиво, но не сум баш; имам „аристократски“ однос кон парите.
7. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?
– Кокино (уште не сум била!), Канео/Охрид, и Плачковица, имам убави спомени од семејни кампувања таму како дете.
8. Три најдобри книги, филмови и песни?
Книги: „Сликата на Доријан Греј“ (Оскар Вајлд), „Бегство од слободата“ (Ерих Фром), и „Калеш Анѓа“ (Столе Попов).
Филмови: „Од Африка“ (Out of Africa), „Жртви на војната“ (Casualties of War), и „Еквилибриум“ (Equilibrium).
Песни: „The Impossible Dream” (Енди Вилијамс, моја лична химна), „Je crois entendre encore” (Жорж Бизе), и „Спроти недела во стариот татков дом“ (Верица Ристевска).
9. Три омилени јадења?
– Школки со сос од лук, пита со праз и кисело млеко, кремасти и крцкави торти.
10. Три совети кои ги давате на другите?
– Круната од главата никој друг не може да ви ја симне, освен самите; се додека луѓето се коректни како ефективен однос, не претендирајте на нивните мисли и чувства; ако се плашите од мечки, не одете во шума.