Се потикнува непотизмот и примитивизмот, се изземаат круцијалните права на работникот…, беа реакции на денешниот протест на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) пред Собранието поради носењето на Предлог-Законот за административни службеници. Предлогот е влезен во собраниска процедура во скратена постапка.
Од КСС обвинуваат дека дел од пратениците се обидуваат на шверцерски начин без јавна дебата да ги донесат законските измени. Со нив, како што велат, им се крати правото за усогласување на платите за 2024 година. Контрадикторноста е и во општиот колективен договор потпишан лани, особено членовите 13 и 14.
Со Предлог-законот за административни службеници, претседателот на КСС Благоја Ралповски вели се изземаат круцијалната права на работникот, вадење на минималната плата, како и непочитување на Законот за минимална плата.
-Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 1.1.2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско, рече Ралповски.
Посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март. Тој рече дека не може да има државни службеници кои што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.
-Оној закон што е закачен на ЕНЕР беше дозволен за јавна дебата, но овој закон не беше ставен на ЕНЕР, ние првпат го видовме во собраниска процедура. Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да не отфрлат нас како синдикати кои што баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови, рече Ралповски.