Куќата на славните на ЕХФ ја отвори вратата за Индира Кастратовиќ

Европската куќа на ракометот овој месец ќе ги одликува легендите на овој спорт. Овој пат има место и за првата Македонка, која ќе стане второ ракометно име од Македонија во славното друштво.

Индира Кастратовиќ влегува во Куќата на славните, како второ ракометно име од Македонија. Првиот е Кире Лазаров.

Влезот во елитното друштво официјално ќе се случи на 14 декември, во пресрет на финалето од Европското првенство за жени на кое учествуваше и Македонија.

Во Куќата на славните ќе влезат 7 ракометарки и 14 ракометари, кои ќе им се приклучат на повеќе од 50 легенди кои беа први примени во јуни минатата година.

Уште две познати имиња кои станаа европски прваци со македонски клубови се најдоа на списокот. Тоа се романската голманка Луминица Хуцупан Дину, која со Индира се качија на тронот во 2002-ра, како и Иван Чупиќ.

Од останатите, има уште ред други звучни имиња како Ања Андерсен, Никола Карабатиќ, Микел Хансен, Игор Вори…

Индира Кастровиќ е синоним во женски ракомет во Македонија, која доминираше со Кометал Ѓорче Петров со 12 титули и 12 Купови и тоа сите по ред во периодот 1995-2006.

Круната на кариерата и и се случи на незаборавниот 19 мај 2002-ра, во ракометниот храм „Под Кале“, каде се вивна на европскиот пиадестал.

Неповторливата генерација на Кометал, кој во тоа време примаше богати финансиски инјекции од Трифун Костовски, во финалето од ЛШ го совлада Херс со 26:22, анулирајќи ја негативата од првиот меч во Унгарија кој го загуби со 27:25.

22 години подоцна, тој успех останува најголем во македонскиот женски ракомет, кој инаку се повтори во машка конкуренција и со Вардар (2017 и 2019).

Кометал одигра уште две финалиња во 2000-та и 2006-та, а до таму стигна и ЖРК Вардар (2017 и 2018).

Претходна вестТошковски за интерпелацијата од ДУИ: Низок обид за манипулација
Следна вестЗемале спортска стипендија, а не се занимавале со спорт