Опасна средба со мечка на автопатот Тетово-Скопје во близина на Карпалак доживеал кумановецот Африм Исуфи во понеделникот вечерта. За порталот на албански јазик Опен-ТВ тој раскажа дека настанот се случил кога со своето возило од Гостивар се враќал за Куманово.
-Неколку километри откако ја поминав првата наплатна рампа во Тетово, возев со нормална брзина, наеднаш мојот автомобил „Голф 5“ удри во нешто напред, од десната страна. Потоа, мојот автомобил леташе во воздух и по неколку метри падна на земја. Некако успеав да ја застанам колата на сред автопат и гледам како од неа излегува пареа. Излегов од автомобилот и гледам големо животно како доаѓа во мојот правец. Беше страшно и ништо не се гледаше. Се исплашив и влегов во автомобилот, кој беше тешко оштетен, раскажува Исуфи.
Тој додаде дека животното се приближило до неговиот автомобил, а кога го видел тоа била мечка.
-Почна да удира силно – од нејзините тупаници, верувајте, колата се тресеше. Не помина многу време, мечката падна на земја. Кога ја видов како паѓа, излегов од автомобилот и ги видов нејзините повреди од судирот. Таа повторно стана и јас пак влегов внатре, тоа траеше 30 минути. Тогаш мечката повторно падна на земја и повеќе не стана, а јас се спасив, вели кумановецот, кој потоа се сликал со угинатото животно.
Тој вели дека на местото на настанот излегла и полицијата, на која ѝ дал изјава. Исуфи сега прима терапија поради шокот што го преживеал на автопатот.