Австрија и Данска во иднина веќе нема да се потпираат на ЕУ и ќе работат заедно со Израел на вакцина против корона вирусот, изјави австрискиот канцелар, Себастијан Курц.
Пред да замине за Израел, Курц објави промена на курсот во стратегијата за борба против корона вирусот.
-Во иднина веќе нема да се потпираме на ЕУ и заедно со Израел ќе произведуваме вакцини од втора генерација против понатамошни видови во следните години, како и заеднички ќе ги истражуваме можностите за лекување, нагласи тој.
Тој посочи дека пристапот преку ЕУ во основа бил исправен, но дека Европската агенција за лекови (ЕМА) е премногу бавна во одобрувањето на вакцините и дека има проблеми со доставата.
Курц патува во Израел заедно со својата данска колешка Мете Фредериксен, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе разговара со нив за соработка во производството на вакцини.