Кутиите полни со пораки: СТОП за корупцијата, за лажните ветувања, за клечењето пред странци…

Слегнуваат впечатоците од првиот изборен круг на претседателските избори во Македонија. Останува една јасна констатација – двојна е предноста за кандидатката Гордана Силјановска – Давкова предложена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на главниот противкандидат Стево Пендаровски што е најлош резултат до сега за владеачката партија СДСМ. Значи, пораката на граѓаните беше јасна, директна, недвосмислена.

Всушност, гласачките кутии беа полни со пораки. А со нив граѓаните заокружуваа бројки пред имињата на кандидатите, но всушност пишуваа што очекуваат во иднина и од што им е доста.

-Народот порача дека му е доста од корупција и попуштање на владеачката СДСМ пред притисоци и од внатрешни и од странски фактори, ни ги прокоментира изборните резултати аеродромецот Александар.

Големата разлика меѓу двајца кандидати кои одат во вториот круг е најубедлив доказ дека власта многу грешеше. Најчесто заокружуваната бројка „2“ и малото кругче околу неа во себе содржеа многу – разочарување од начинот на кој досега се владееше, епидемиска корупција, сомнителни и наместени тендери, неисполнети ветувања, понижувачки договори со кои Македонија мораше да се откаже од уставното име, од делот на историјата, прифаќање на преговарачка рамка за преговори со ЕУ со која се чекори кон откажувањето од сопствениот идентитет, игнорирање на референдумското мислење на народот, скандали со вработувања во државните служби, лошата реформа во образованието, уште повеќе разболеното здравство, иселувањето на младите…, а што се на земјава и донесе статус на „цикличен хибрид“ кој назадува во демократијата.

-Незадоволството на граѓаните кулминира на гласањето. Ваквото владеење веќе не можеше да се дозволи и мора да се случи промена. Народот е секогаш јасен кога е незадоволен, а оние што владееа тоа можеа уште порано да го видат, но не го видоа или го игнорираа. Заради тоа сега им стигна казната, ни вели Зоран Д..

Практично, граѓаните на сегашната власт и покажаа „жолт картон“. Бројките како да покажуваат дека за две недели, на 8 мај, тој ќе поцрвенее. Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски вечерта по објавувањето на резултатите рече дека така поминува оној кој го потценува народот.

-Народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прави голема грешка. Ова е голема победа за македонскиот народ, потенцира Мицкоски.

Лидерот на владеачката партија Димитар Ковачевски, пак, призна дека народот ги казнил.

-Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето не казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, порача тој по изборите.

Кампањата и за претседателските избори и за парламентарните продолжува. Крајниот збор ќе го кажат граѓаните на 8 мај. Искуствата покажуваат дека обично првичната порака од граѓаните само се засилува… Но партиите не треба да се залетуваат, на Македонија пред се и треба нови искуства каде граѓаните ќе видат систем во кој се ништи корупција, систем во кој има добро образование и здравство, и систем кој го водат луѓе кои не коленичат пред непринципиелни и понижувачки барања и диктати, систем…

Сега и 1.500 километри патишта да „направат“ нема да им помогнат

Од редовите на се уште владеачката партија СДСМ најавуваат дека нема да се откажат и дека и покрај убедливиот пораз ќе продолжат во својата кампања, дека нема да се откажат од европската иднина, каква што тие ја замислувале. Дали сега ќе се случат промени во нивната кампања останува да се види. Но, се чини, дека се мали шансите такво нешто да им помогне. Па дури и да тргнат да ги пуштаат во употреба патиштата кои објавуваа дека од 2017 година па до сега ги направиле, тешко дека ќе им тргне. Во реалноста ги нема 1.500 километри патишта што ги кажуваа за завршени. Граѓаните го земаа пенкалото и на избори ги пречкртуваат лагите.

Претходна вестГрција воведува шестдневна работна недела
Следна вестМакедонскиот кик-боксер Бобан Илиоски стана светски шампион