Лафчиски: Пред се, јас сум војник и не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон

Началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска не сакаше да го коментира предметот што Државната комисија за спречување на коруцијата неодамна го отвори за неговото назначување на функцијата. Предметот е отворен по поднесената претставка во која се тврди дека тој не ги исполнува условите за назначувањето кое го извршила претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.

За тоа дали бил исконтакиран од Антикорупциската комисија, Лафчиски директно одговори – „не“, појаснувајќи дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

-Второ, пред сè, јас сум војник, гледате дека носам униформа, тука сум пред сè да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а помалку не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон, рече Лафчиски одговорајќи на новинарски прашања по настанот на кој беше извршено примопредавање на опрема од Република Турција за Армијата.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, пак, рече дека во случајот со назначувањето се е согласно закон и согласно сите прописи. Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од Антикорупциска во врска со претстваката и дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок.

-Да, стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и, се разбира, од страна на началникот, односно Генералштабот. Претпоставувам дека, исто така, има доставено и до претседателката, така што сите заеднички ќе одговориме, но јас сакам сите да ве уверам дека е согласно закон и согласно сите прописи, рече Мисајловски.

 

Претходна вестДржавна инспекција ќе ја „тресе“ КФМ по обвинувањата на селекторот Андреевски за скандалозен третман на златните јуниори
Следна вест„Левица“: ДПМНЕ повторно гласаше против набавка на нови автобуси за Скопје