„Лајка“ предупредува:  Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња од други градови

Повторно укажуваме дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња на одредени локации, соопшти денеска градското претпријатие за заштита на животните „Лајка“. Во соопштението се наведува дека тоа се случува и на локациите на кои имаат прецизен увид на постоечката популација на улица која е стерилизирана.

-Повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња. Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец, потенцирата од „Лајка“.

Во обраќањето се наведуваат и изјавите на граѓаните од општина Аеродром кои во својата населба забележале група од нови кучиња.

-Ги знаеме убаво кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, тоа се локално чувани миленици кои редовно ги храниме, имаат свои куќарки. Пред неколку дена забележавме група од 4, 5 кучиња без обетка на увото. Едното беше повредено, откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од друг град, бидејќи чипот што го имало кучето е на јавното комунално претпријатие од овој град, наведуваат овие жители.

Жител на Лисиче, пак, сподели дека бил сведок на истоварање на околу дваесетина кучиња од комбе со кумановски регистарски таблици во темните улички зад средното училиште СУГС „Владо Тасевски“.

-Упатуваме апел до граѓаните доколку видат активности од ваков тип, дислокација на кучиња, по можност да го документираат истото со фотографии, пријават или ни се обратат за потребна помош; воедно е неопходно институциите и општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување. Не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно наидуваме на нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците, укажуваат од „Лајка“.

Претходна вестБраво: Mладите македонските информатичари освоија 3 бронзени медали на јуниорската Олимпијада во Молдавија
Следна вестДУИ: Владата ја поскапи струјата за над 65.000 фирми за над 50 отсто