Ламбе Алабаковски, кој пред неколку месеци го подмета пожарот во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, е осуден на условна казна од шест месеци.
Според информацијата која ја доби „Нова Македонија“ од Основниот суд во Битола, Алабаковски, кој го призна делото, согласно чл. 288 став 1 од КЗ е осуден на алтернативна условна осуда со утврдена казна затвор во траење од шест месеци, доколку во период од една година не стори ново кривично дело.
Весникот пишува дека Алабаковски се согласил на ваквата казна. Тој уште за време на истрагата го призна делото. Алабаковски од засега непознати мотиви подметна пожар пред центарот „Ванчо Михајлов” по што беше притворен од битолската полиција. По неколку дена беше пуштен во домашен притвор, а подоцна му беше овозможено да се брани од слобода.
По пресудата, на Алабаковски му се вратени двата пасоша, македонскиот и американскиот.