Лани изгореле 70 контејнери, од нив десет беа нови

Во текот на изминатава година на скопското подрачје од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, информираа денеска од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“

-Од нив 10 беа нови садови со зафатнина од 3,2м3. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и  стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Во текот на 2020 година, на 100 локации во речиси сите скопски општини ЈПКХС постави околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад, се наведува во информацијата до јавноста.

Во соопштението не се наведува дали некои од подметнувачите на огнот во контејнерите биле и откриени од страна на полицијата.

Освен ова, ЈП „Комунална хигиена“ наведува дека во изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 158 476 тони комунален отпад. Количеството на подигнат отпад во 2020 во однос на 2019 година е зголемено за 4713 тони, односно 3,07 проценти.

– На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈПКХС отстранија над 9.000м3  отпад од диви депонии, создадени  како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2019 година беа расчистени 8721м3, во 2018 година 5144м3,  додека во 2017 година само 835м3 отпад од диви депонии, наведуваат од ова градско комунално претпријатие.

Претходна вестУапсено лице кое ограбило три продавници во Карпош, најдени и украдените предмети
Следна вестЗа една недела градски „пајак“ собрал 168 возила