Лани во Македонија пораснал бројот на разводи, најмногу од 5 до 9 години по склучувањето на бракот

Бројот на склучените бракови во 2023 година, во споредба со 2022, е намален за 1.6 отсто и изнесува 12.672, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93.2 % за жените и 92.2 % за мажите. Во втор брак со учество од 7.0 % и во трет брак со учество 0.8 %, од вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

-Според возраста најмногу бракови се случиле во старосната група од 25 до 29 години, односно 4.228 или 33.4 отсто кај жените и 4.450 или 35.1 процент кај мажите. Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27.5 години за невестата и 30.1 година за младоженецот, се наведува во информацијата.

Бројот на разводи во 2023 година бележи зголемување од 9.4 проценти во споредба со 2022 година и изнесува 1.765 разведени брака.

-Според возраста, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години, од кои 310 или 17.6 отсто кај жените и 295 или 17.6 проценти кај мажите. Според траењето на бракот, најмногу разводи 393 или 22.3 отсто се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот, соопшти ДЗС.

Претходна вестНово истражување дава одговор на прашањето како Египќаните ги граделе пирамидите
Следна вестНе помина ни третиот кандидат за претседател на Уставниот суд: По Бозаџиева и Данева и Кадриу без двотретинско мнозинство