Во третото коло од квалификациите за пласман на ЕП 2024, во вчерашниот ракометен меч кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“, Македонија загуби од Португалија со резултат 23:29. Капитенот на репрезентацијата Кире Лазаров по завршување на натпреварот призна дека Македонија не можела физички да и парира на Португалија.
– Ни недостасуваше фокус и концентрација, а тоа се добива само со играње на вакви натпревари. Треба да поправиме од се по нешто, она што беше очигледно е дека доминираа со корпулентност. Загубивме доста дуели, дефицитирани бевме на пивот позицијата, нивните двајца пикери играат во Барселона и Порто. Сепак, најважно е да се пласираме на Европското првенство, против Турција и Луксембург сме фаворити. Во денешно време не можете да победите лесно на ниту еден натпревар. Не чека вториот натпревар со Португалија ќе одиме да одиграме квалитетно и тој натпревар ќе ни послужи за поголемо искуство во иднина, изјави Лазаров.
Ракометарот Филип Кузмановски пак, истакна дека тие го загубиле натпреварот поради пад на фокусот во последниот квартал од мечот каде биле направени неколку индивидуални грешки.
– Лошо го отворивме мечот и не бевме фокусирани на стартот, а потоа паднавме и во последните 15 минути. Треба добро да анализираме некои сегменти и да ги подобриме за реваншот. Мораме да имаме посигурна реализација со играч повеќе. Но, покажавме дека можеме да се бориме со Португалија, па зошто да не дојдеме до победа на гости. Дадовме максимум во дресот на Македонија како и секогаш, изјави Кузмановски.
Инаку најдобар на теренот од Македонија беше Филип Кузмановски со пет гола, пет реализации имаше и Мартин Серафимов, сите од пенал, додека Џонов заврши со три постигнати гола.
Во недела Македонија повторно ќе игра против Португалија, но овој пат на гостински терен.