Со синоќешниот пораз од Германија (34:25), најдобрата македонска репрезентација е елиминирана од Европското ракометно првенство. Ова е веќе трет континентален шампионат по ред на кој Македонија не ја поминува прелиминарната фаза, а последен пат тоа се случи на ЕП во 2018 година.
За избраниците на селекторот Кирил Лазаров останува да се одигра и последниот трет натпревар од групата „А“ против Швајцарија која сигурно ќе има огромен натпреварувачки мотив после ремито со Франција.
Последниот меч нашите најдобри ракометари ќе го играат на 16 јануари во вторник од 18.00 часот во „Мерцедес-Бенц Арена“ во Берлин.
– Честитки до Германија, ја заслужи победата. Тие се на повисоко ниво од нас, тоа го докажаа и против Швајцарија. Не бев задоволен од играта на мојата репрезентација, повторно направивме повеќе од 15 грешки, технички грешки, и со таков пристап станува невозможна мисија да играте против една Германија. Ни следува еден ден одмор, ќе се обидеме да бидеме подобри против Швајцарија која има исто така добар тим и искусни играчи, рече Лазаров.
Тој рече дека ни се повторуваат истите работи како од мечот со Франција.
-Имавме многу лесно продадени топки во напад. Ако ништо друго сега барем имаше пожртвуваност и борбеност во одредени моменти. Мислам дека имаме проблем при игра „шест на шест“ со вакви репрезентации, многу лесно ги губиме топките и одиме кон пасивна игра. Со толку топки дадени во нивна рака и со таква игра не можете да ѝ парирате на една Германија. Иако на моменти париравме и дадовме сè од себе, сепак потрошивме сила и против Германија и против Франција, а на крајот резултатот е таков каков што е. Можеби имавме шанси за подобар скор во двата натпревари, но во овој момент двата противници се класа подобри од нас, вели Лазаров.
Голманот Мартин Томовски по мечеот изјави дека ја почувствувале моќта на противникот кој ја казнуваше секоја наша грешка.
-Знаевме дека Германија е вистинска машинерија која понесена од атмосферата во салата ќе знае да ја казни секоја наша грешка. Искрено, и не можевме нешто повеќе да очекуваме од дуелот со домаќинот кој се знаеше дека ќе одигра под максимален погон, изјави Томовски.