Селекторот на нашата ракометна репрезентација, Кирил Лазаров даде свое видување за двата пријателски натпревари против Романија кои нашата селекција ги осигра во Браила во рамките на ЕХФ неделата.
-Ја искористивме максимално ЕХФ неделата да одиграме два пријателски натпревари со Романија на гостински терен која исто така се подготвува за бараж натпреварот против Чешка во мај. Во недостаток на повеќе од половина стандарден тим, од оправдани причини, шанса дадовме на нови играчи кои се дебитанти или имаат лимитирана улога во националниот тим во нормална ситуација.
Вакви натпревари се од голема важност да се види на кого може да се смета во ваков тип на тешки натпревари, особено на гостински терен. Се надевам дека за баражот во мај ќе се комплетираме и ќе се подготвиме да одиграме квалитетен бараж натпревар, бидејќи не очекува сериозен противник за пласман на Светското првенство. Задоволен сум од желбата, ангажманот и односот на овие два натпревари од целиот тим, изјави Лазаров.