Лажни монети во вредност од близу 30.000 евра пронајдени во еден маркет, Косово преплавено од лажна монета од 2 евра

Бизнисмените во Косово бараат помош од косовските институции за отстранување на лажните монети од 2 евра, пишува весникот „Коха диторе“. Во ноември беше објавено големо зголемување на фалсификуваните пари на косовскиот пазар, повикувајќи се на форензичари. Најфалсификувани според експертите се банкнотата од 50 евра и монетата од 2 евра.

Многу трговци во Косово, како и контролори во јавниот превоз, престанаа да примаат плаќања од 2 евра, објавија косовските медиуми.

Весникот наведува дека фалсификувани монети од 2 евра во вредност од близу 30.000 евра биле регистрирани само во еден супермаркет во градот Урошевац (Феризај). Според еден од сопствениците на супермаркетот, Сулејман Незири, деловните банки не прифаќаат фалсификувани пари, а Централната банка не нуди решение за проблемот.

Постои уште еден проблем, рече Незири, бидејќи клиентите нема да прифатат ниту вистински 2 евра како кусур од страв дека монетата може да биде лажна. Според него, верификацијата на монетите во моментов се врши со магнети.

Економскиот експерт Адем Чороли изјави дека Централната банка на Република Косово треба да преземе сериозни мерки за справување со проблемот. Чороли рече дека граѓаните и бизнисите во Косово долго време предупредуваат за фалсификатите, а од институцијата нема реакција.

Централната банка на Косово се уште не одговорила на прашањата на „Коха диторе“ за фалсификуваните пари, забележува весникот.

На крајот на ноември, косовската полиција уапси шест лица од Косово и од Република Македонија за фалсификување пари. Во полициската акција биле запленети фалсификувани монети од 2 евра во вредност од над 85 илјади евра.

Претходна вестНикогаш досега толку Германци не работеле со скратено работно време
Следна вестВисок претставник на ЕУ: Огромен ризик од терористички напади на Божиќ