Лекарска комора: Годинава 440 лекари положија стручен испит

Во 10 испитни сесии, кои беа организирани во текот на 2023 година, стручен испит положија вкупно 440 доктори на медицина, кои ги исполнуваат условите за добивање лиценца за работа. Најголем интерес за полагање стручен испит и оваа година имаше во декемвриската испитна сесија кога положија 232 доктори на медицина, извести Лекарската комора.

Докторите на медицина, по завршување на Медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето лиценци, водење регистар на лиценци, акредитација за континуираната медицинска едукација и спроведување стручен надзор.

Минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, во 2021 уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420, соопшти Лекарската комора.

Во 2024 година Комората ќе го модернизира процесот на полагање стручен испит по примерот на другите коморски асоцијации од западноевропските држави со кои се остварува блиска соработка. Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет-страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде што посебена програма ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори, од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерската програма автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори.

Докторите што точно ќе одговорат на 60 проценти од прашањата, ќе се упатуваат на полагање практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и тие треба да објаснат како ќе го лекуваат. Во последниот устен дел, како и досега, акцентот се става на познавањето на етичките норми и правила што лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност, се наведува во соопштението на Лекарската комора.

Претходна вестАпасиев со нова кривична пријава му честита Нова година на спикерот Џафери
Следна вестОбјавена листата на најмоќните пасоши, македонскиот на 36-то место