Случувањата во Контролата за летање се ептен загрижувачки. Се допира ли дното до кое не водат партизираните институции?
Еј, група насилници непречено упадна во објект кој би требало да е строго чуван. Имало и физичка пресметка со контролори кои во тој момент го чуваат македонското небо и управуваат со многуте авиони кои летале над Македонија.
А што бил поводот за да се случи инцидентот? Партиски вработувања.
Страшно. Алармантно. Опасно.
Македонија е заробена држава од политичари насилници. Тоа веќе и од авион се гледа, па затоа веројатно и сакаат да стават „шепа“ и на Контролата за летови. Така лесно ќе даваат навигации како авионот да се мафне од „нивното партиско“ небо.
Владата ја смирува јавноста:
-Ковачевски и Владата во своето работење се водат од врвниот интерес за безбедноста на македонското небо и функционирањето на патничкиот и воениот авио- сообраќај, стои во соопштението.
Воедно, Владата информира дека на следната седница, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе предложи „целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени“.
Зошто ќе се реагира дури по 4 дена? Не е ли ова повод за итна седница на Владата?
Овој голем инцидент е сигурно веќе во дипломатските белешки на сите држави со кои сакаме да се здружуваме, соработуваме. Ќе бидеме прибележени како несигурни соработници и во светските организации за контрола на летовите.
Зарем не треба итно да се покаже дека државата има капацитет за брзи решенија на проблемите кои самата (поради умислени и аздисани политичари) ги прави?
Да, добро е што МВР веќе привела 4 лица. И добро е што полицијата ќе го обезбедува овој стратешки објект. Но, сега се нужни и многу поконкретни дејства.
Дејства кои ќе покажат дека се бара спас од целосното партизирање на државата.
Оти видовме до каде, и до какви апсурди доведе ова:
-Лета ли магарето? Лета. Добро, ти си за во Контрола на летови.