Повик до властите за измени на законодавството по последното убиство на младата жена во Штип упати денеска партијата „Левица“.
-Системските пропусти дозволуваат фемицидите да станат сè почести, а властите упорно избегнуваат суштински реформи. Моменталниот Кривичен законик создава простор насилниците да останат неказнети, бидејќи законот бара гонење само по иницијатива на жртвата, што често резултира со повлекување на пријавите поради страв или притисок од сторителите. Постојниот Кривичен законик овозможува жртвите под притисок на насилниците или во состојба на психичка нестабилност да ги повлечат пријавите, велат од Левица, нагласувајќи дека во вакви случаи постапките запираат и сторителите остануваат на слобода.
Од партијата сметаат дека ова е „огромен институционален пропуст што придонесува кон растот на фемицидите“.
„Левица“ го повикува министерот за правда, Игор Филков, да предложи измени во законот со кои би се овозможило насилството над жените да се гони по службена должност, без да зависи од иницијатива на жртвата.