„Левица“: Да се испита воздухот во сите операциони сали

Министерството за здравство со исклучително внимание и итност да ја набави новата станица за компримиран воздух, а квалитетот на воздух кој таа ќе го овозможи да биде во согласност со барањата на Европската фармакопеја, монографијата за медицински воздух, како и ISO 8573-1:2010 Стандардот за квалитет на компримиран воздух, побара денеска партијата „Левица“. Покрај тоа, ова опозициска партија апелира Државниот санитарен и здравствен инспекторат да провери дали работата на сите хируршки одделенија во државата е во согласност со ISO 13485:2016 Стандардот за медицински уреди: системи за управување со квалитет и ISO 14971 – Стандардот за управување со ризик за медицински уреди!

Партијата потсетува дека блокот на оперативните сали во зградата на хируршките клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е вон употреба од мај, годинава.

-Неисправност на системот за греење, вентилација и ладење иницијално беа посочени како причина за затворање на операционите сали, но по добивањето на резултатите од испитувањата на германската компанија Dräger, дознаваме дека условите на воздухот во операционите сали кои ги испорачува станицата за компримиран воздух се супстандардни! Станицата за компримиран воздух е инсталирана во 1992 година, кога постоеле различни уредби од актуелните. Денес квалитетот на воздухот во операционите сали се мониторира според референтните вредности утврдени во Европската фармакопеја (Eu. Pharm. mon. Air, medicinal – 1238) каде добиените вредности од мерењето на германската компанија Dräger отстапуваат од референтните при мерење на содржина на вода (монографијата дозволува содржина на вода до 67ppm V/V од компресираните цилиндри за гас, додека е измерено 245 ppm V/V), а забележано е отстапување и од референтните вредности за маслени пареи (монографијата дозволува максимално 0.01 mg/m³ маслени пареи), а измереното ниво од 0.06 mg/m³ маслени пареи не би било прифатливо за операциони сали според овие стандарди, објаснува „Левица“.

Оттаму предупредуваат дека супстандардните услови на воздухот, особено повисоката содржина на вода (245 ppm наспроти дозволените 67 ppm) и повисокото ниво на маслени пареи (0.06 mg/m³ наспроти дозволените 0.01 mg/m³), можат да доведат до зголемен ризик од микробиолошка контаминација. Ова може да резултира со инфекции кај пациентите, особено кај оние со поголеми отворени рани или импланти.

-Невозможноста да се одржи стерилноста на операционите сали поради лош квалитет на воздухот може да доведе до сериозни здравствени компликации за пациентите. Операционите сали мора да одржуваат високо ниво на стерилност за да се спречат постоперативни инфекции. „Левица“ апелира да се земат предвид овие сознанија при истражувањето на инцидентите со постоперативни инфекции јавени кај пациенти оперирани во Клиничкиот Центар и секој вклучен во занемарувањето на технологијата да сноси одговорност, се додава во партиското соопштение.

 

Претходна вестПливачот Ѓуретановиќ го заврши учеството на ЛОИ како последен во квалификациите на 400 метри слободно
Следна вестТешко повреден малолетен пешак во Куманово по удар на автомобил