Од партијата Левица велат дека до нив стигнале поплаки дека директорката во ООУ ,,Лазо Ангеловски” ги терала вработените во училиштетото да го измијат нејзиниот приватен автомобил. Од партијата бараат градоначалникот Тимчо Муцунски целосно да го испита случајот и да спроведе соодветна постапка.
– Не прекинуваат скандалите во ООУ ,,Лазо Ангеловски”. Откако општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски го сменија претходниот директор по низа скандали и на негово место ја донесоа новата директорка Магдалена Петреска, повторно стигнуваат информации за уште еден скандал.
До Левица пристигнаа поплаки дека директорката Магдалена Петреска ги понижува и омаловажува вработените во ООУ „Лазо Ангеловски“. Имено, оваа директорка го паркира својот автомобил пред училиштето и им наредува на вработените-хигиеничарки во школото за време на своите работни задачи и за време на своето работно време да земат кофи вода и четки и да го измијат нејзиниот приватен автомобил.
Според Закон за заштита од вознемирување на работно место:
Забранет е кој било вид на вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место. Вработените хигиеничарки немаат во своите работни задачи да го чистат и „полираат“ автомобилот на директорката!
Бараме од градоначалникот Муцунски целосно да го испита случајот и да спроведе соодветна постапка за да ги заштити вработените во училиштето!, се вели во реакцијата на Левица – ЛО Аеродром.