Дивоградбите во Општина Чаир, кои се градени во последните пет години, а се легализирани како да се градени пред март 2011 година, се доказ за штетноста и можностите за манипулација кои ги нуди Законот за легализација на бесправно изградени објекти, велат од „Левица“. Од ова партија потсетуваат дека во март 2021 година, со 72 гласа за, пратениците од СДС и ДПМНЕ заеднички го усвоија како што велат штетниот Закон за легализација на дивоградби.
– Како што објавија медиумите, според повеќе решенија за легализација на бесправно изградени станбени згради во Општина Чаир, барањата за тие легализации се поднесени на датум кога објектите воопшто не биле почнати да се градат. Секако, ова не е можно без целосно непостоечки градежен инспекторат на општината, во која се издадени вкупно осум градежни дозволи за период од пет години, а се изградени стотици објекти и илјадници станови. Но, главното прашање е зошто всушност се опасни дивоградбите, покрај изигрувањето на правниот систем?
Затоа што дивоградбите не поминуваат низ филтрите на регуларните објекти, односно најпрвин воопшто не се во склад со Деталните урбанистички планови и не зависат од нив. Самата градба не е подложна на мислење од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмика; ниту добиваат мислења за време на градбата (МИС1 и МИС2); не поминуваат за мислење низ Дирекцијата за заштита и спасување за нивната противпожарност; ниту имаат Потврда за енергетска ефикасност и генерално не постои никаква потврда за нивна безбедност. Не постои ниту Извештај од надзорен инженер за технички прием на објектот.
Единствен документациски траг е геодетскиот елаборат за да се впишат во Агенцијата за катастар на недвижности, а со нивно впишување вредносно ги изедначуваме со објектите кои поминале регуларна постапка. Со отворањето на Пандорината кутија да се дозволи легализација на секаков вид на објект, дополнително се стимулираат дивоградбите.
Доколку Законот за легализација се носеше од стручни и реални, а не популистички побуди и за да задоволи дивеење во градежништвото за лесен и брз профит, легализацијата требаше да се врши само на објекти кои не отстапуваат од Деталните урбанистички планови, а процедурата да содржи целокупна проектна документација, со проекти елаборати и докази за носивоста и безбедноста на објектот, и само такви објекти би требало да се разгледуваат како подобни за легализација.
Потсетуваме дека во март 2021 година, со 72 гласа ЗА, пратениците од СДС и ДПМНЕ заеднички го усвоија штетниот Закон за легализација на дивоградби, со што уште еднаш се ставија на страната на неправото и корупцијата, се вели во партиското соопштение на Левица.