Министерот за транспорт Александар Николоски на 26 јуни 2024 упати ветување до јавноста дека ќе го декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“. По само две недели изјави дека тоа нема да се случи, соопшти денеска „Левица“.
Ова опозициска партија наведува дека како политичка партија која се залага за транспарентност и одговорно управување со државните ресурси, изразува длабока загриженост поради договорот со „Бехтел и Енка“ кој е финансиран со пари на граѓаните, а останува класифициран како државна тајна.
-Оваа влада, со своето прикривање на клучни информации од јавноста, покажува дека се обидува да спроведе проект кој потенцијално може да има огромни негативни последици по државниот буџет и економската стабилност на Република Македонија. Го прашуваме министерот Николоски: Зошто продолжува да спроведува таен договор со приватен субјект, а финансиран со народни пари? Што е толку скандалозно и шокантно во договорот меѓу државата и приватна градежна компанија? За што се до сега издвоени 240 милиони евра народни пари? Какви други натамошни обврски презела државата кон приватниот субјект за кој граѓаните не треба да знаат? Дали прифаќањето на одредби кои можеби содржат криминални компоненти, нема да бидат кривично гонети? И на крајот, дали власта во држењето на овој договор во тајност штити од кривичен прогон одредени личности од минатата владејачка гарнитура, воедно и создава терен и за слични вакви идни постапки?, потенцираат во партиското соопштение.
„Левица“ наведува дека само со целосна транспарентност можеме да спречиме потенцијални злоупотреби и штетни договори кои ќе ја чинат државата милионски суми.
-Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага во врска со овој договор, како што беше ветено од министерот Николоски. Владата мора да е свесна дека одговорноста за држење на овој договор како таен, сега е нејзина. Време е власта да покаже дека нема што да крие и да го објави договорот со „Бехтел и Енка!. Граѓаните заслужуваат одговори, а не прикривање и молк, затоа што на крајот, тие ја плаќаат цената, велат од партијата.