Левица ги тужи менаџерите на ЕВН, не пријавувале кражба на струја во Арачиново

Од политичката партија Левица соопштија дека ќе поднесат тужба против двајца менаџери на ЕВН, бидејќи не пријавиле кражба на струја во Арачиново.

– Ја известуваме јавноста дека Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против двајца менаџери на „Електродистрибуција“ ДООЕЛ: Сашо Салтировски и Јохен Хагеман – поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Непријавување на кривично дело или сторител“ – казниво по чл. 364, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна до три години. Пријавените се теретат дека – во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија –во подолг временски период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново, истакнуваат од Левица.

Од партијата додаваат дека очекуваат тужените да бидат повикани на распит и против нив да биде покренато обвинение. Со ова, како што се вели во нивното соопштение би се ставил крај на сè позачестената неказнивост на дивите приклучоци на струја во оваа општина.

Претходна вестЌе се финализира супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци
Следна вестВладата ја поништи одлуката за прием на Онишченко во државјанство