Левица го тужи Пендиков: Се подбива со македонскиот народ и предизвикува омраза

Политичката партија Левица поднесе кривична пријава до Обвинителството против Христијан Пендиков, Генерален секретар на здружението „Цар Борис III”. Партијата го обвинува Пендиков за повреда на угледот на Македонија, за излагање на подбив на македонскиот народ, но и за предизвикување омраза и раздор по национална основа.

– Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју, ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден исти народ”.

Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност.

Пријавениот се терети дека извршил стек на кривични дела:

Повреда на угледот на Републиката – казниво по чл. 178 од КЗ;

Излагање на подбив на македонскиот народ – казниво по чл. 179 од КЗ;

Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – казниво по член 319 став 1 од законот, се вели во партиското соопштение на Левица

Од партијата велат дека ако се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат несогледливи штетни последици по националните интереси.

Претходна вестНови протести во Франција, Планирано е да се ангажираат 11.500 полицајци
Следна вестИџе со нов предизвик, ќе се трка на Европскиот шампионат на ридски патеки