„Левица“: Граѓаните ќе платат најмалку 600.000 евра за апанажа на пратениците

Само досега потврдените апанажи на поранешните пратеници ќе ја чинат државната каса над 600.000 евра. Велиме досега бидејќи рокот за поднесување на барања за апанажа трае до 28 јуни, а право на апликација имаат вкупно 57 пратеници од минатиот состав, реагира денеска партијата „Левица“.

Во соопштението се наведува дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, до сега, на најмалку 29 пратеници од минатиот парламентарен состав им одобрила да земаат апанажа во траење од една година, која е во висина на платата на пратениците, а истата ја исплаќа Собранието.

-Покрај енормно високите плати, надоместоците за патни трошоци, бифето кое служи по набавни цени и многу други привилегии, правото на апанажа претставува уште еден доказ дека пратениците се најпривилегираните работници во државава. Наспроти нив обичниот работник одвај врзува крај со крај и не му се почитуваат и оние малку права кои му се законски загарантирани, се наведува во соопштението.

Партијата ја потсетува јавноста дека на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата единствено пратеникот на Левица, Борислав Крмов, гласаше против доделување на апанажите.

-Исто така, политичката партија „Левица“ уште во 2022 година поднесе закон за укинување на апанажата за избраните и именуваните функционери како и предлог закон за воведување на апанажа за работниците. И двата закони кои беа експресно одбиени од страна на широката буржујска коалиција СДС-ДУИ-ДПМНЕ-ВЛЕН, се наведува во соопштението.

Претходна вестПриведени 5 турски државјани во Македонија
Следна вестЗаев, Филипче, Димитров и Бучковски во Атина ќе слават шест години Преспански договор