Долго најавуваниот Закон за данок на солидарност или данок на екстра профит, по бројни притисоци и барање на бизнис заедницата за негово повлекување и запирање, веќе е повлечен од собраниска процедура, соопшти денеска партијата Левица.
Оваа опозициска партија наведува дека овој предлог закон иако требаше да биде донесен на почетокот од оваа година, а ВМРО-ДПМНЕ во соработка со СДСМ и ДУИ долго го чуваше во фиока и условуваше дека треба да се организираат јавни дебати. Обврска за плаќање на овој вид на данок по стапка од 30 отсто беше предвидена за трговските друштва кои во 2022 година оствариле вкупен приход повисок од 10.000 евра и профит повисок за 20 отсто од просечниот остварен во претходните години, со што би се слеале во буџетот дополнителни 76,5 милиони евра.
-Иако овој предлог закон беше задоцнет, еднократен и недоволен, откако власта го најави, профитерите почнаа да ги приспособуваат расходите, односно да ги фризираат завршните сметки за 2022 година, за да го намалат или избегнат ова оданочување. Во земји-членки на ЕУ и во Велика Британија веќе се оданочуваат екстра профитите, но власта, заедно со ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја застапува бизнис заедницата и ширум ги отвора вратите за создавање на екстра профити на најбогатите странски инвеститори. И додека поголемиот дел од народот живее на работ на егзистенција, профитерите плаќаат иста даночна стапка, како и обичните граѓани и малите стопанственици. Зошто да се оданочат екстра профитите, сметаат приврзаниците на олигарсите, кога народот може да живее крпен живот и да го плаќа луксузното живеење на ненародната власт, наведуваат од Левица.
Оттаму додаваат дека праведно оданочување може да се обезбеди само со воведување на прогресивен данок.
-Мора да се стави крај на военото профитерство кое е овозможено посебно во големите економски кризи. Левица е единствена партија која се залага за заштита на интересите на народот и предлага мерки буџетот да се полни со прогресивно оданочување на најбогатите и најимотните, место со нови и сѐ поскапи задолжувања, кои треба да ги плаќаат идните генерации, сметаат од Левица.