„Левица“ предлага ограничување на киријата во Скопје до 250 евра

,,Левица“ предлага воведување на максимален износ за кирии преку поднесување на  измените во Законот за домување, најави денеска пратеникот од оваа партија Амар Мециновиќ.

Според „Левица“ и нивниот предлог-закон, киријата за стан до 100 метри квадратни во Скопје треба да се ограничи на 250 евра.

-Законодавецот вешто во овој момент во законот има предвидено минимална граница за изнајмување на станот, која изнесува една дванаесеттина од два посто од станот. Тоа би значело за стан од 100 илјади евра минимална закупнина од 166 евра. „Левица“ предлага воведување на максимална граница и тоа во износ од три отсто од вредноста на станот, што би значело дека за истиот стан максималната вредност би била негде 250 евра, рече тој.

Ова се предлага од две причини: прво, во комуникација со студентски организации, студентски претставници, заклучено е дека бројот на леглата студентски во Скопје е на алармантно ниво. Ако 2020 година тој бил 4000 легла, сега е, речиси, 2.000 легла.

-Од друга страна, ова во Европа веќе го има како пракса. Има многу држави кои имаат креативни решенија за ограничување на можноста за рентање на станови, па така Холандија има ограничување на можноста за покачување на закупнината. Германија има конкретно вакво ограничување со горна граница како ние што предлагаме, така што сакаме да посочиме на тоа дека Македонија е социјална држава, објасни Мециновиќ.

Освен студентите, со овој проблем се соочуваат самохраните родители како и работници од внатрешноста на Македонија.

-И, едноставно, заради карактеристиката на Македонија како социјална држава, овој проблем мора да се санира на вистински начин, а не изнајмувањето станови да претставува одреден бизнис, нагласи овој пратеник.

Претходна вестЦарина заплени златен накит, муниција, облека…
Следна вестСДСМ: Мицкоски го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави