За време на Велигденските празници, задолжително е пратениците што учествуваат во Собранието од далечина да имаат бојадисано јајце пред камера. Ова е шеговит амандман кој го поднела политичката партија „Левица“ до Собранието за измените во Деловниот за работа на македонскиот парламент. Двајцата пратеници од „Левица“ напишаа околу 1.400 амандмани со што сакаат да се спречи обидот на власта да се воведе он-лајн работата во парламентот што според нив може да биде злоупотребено во корист на непречено владеење, а и не е според уставот.
-Сметам дека треба да се создаде атмосфера на толеранција во Собранието како врв на принципот „Едно општество за сите“, напиша во образложението за амандманот со велигденското јајце, пратеникот на „Левица“, Борислав Крмов.
Меѓу амандманите има и такви кои предлагаат на пример, примената на Деловникот да стапи на сила 30 дена откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Деловникот да важи триесет и првиот ден од влезот на земјава во Европската Унија, па 32-от ден…
За да го покажат апсурдот на обидот парламентарците да работат од дома, „Левица“ има и ваков амандман:
-Пратеникот при учество и одлучување од далечина, може да се конектира само од дневна или работна соба, а не од спалната или тоалетот, стои во амандманот.
Ова го натерало Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ да напише коментар за Апасиев:
-Амандманот за кој Апасиев немал храброст да се потпише, па низ вода го пушти колегата Крмов. Епа тоа драги гласачи на Левица. Тресла се гора, родио се МИШ! Баш му е гајле на Апасиев за вашите проблеми, стои во објавата под фотографија од амандманот за велигденското јајце.
Инаку, за потсетување актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери од ДУИ пред осум години на најразлични начини го опструираше донесувањето на законот за бранителите кој тогаш го предложи ВМРО-ДПМНЕ. Џафери тогаш намерено и неколку недели ја опструираше работата на надлежната собраниска комисија за труд и социјална политика. Тој со молчење и со читање делови од книги, поезија, закони и Уставот ја одолговлекуваше работата со што го попречуваше донесувањето на овој закон. Пратениците го повлекоа тој Предлог-закон и најавија дека ќе поднесат нов предлог закон со иста содржина што ќе се носи во скратена постапка. Како одговор на оваа постапка на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од ДУИ тогаш поднесоа 15.520 амандамни за да го опструираат донесувањето на овој закон.
Токму Талат Џафери сега го предложи он-лајн работењето во патламентот.