Левица: Време е помалите партии во Собранието да престанат да бидат приврзок

Организирањето на Македонија во една изборна единица е првиот чекор во зауздувањето на трибалистичките влијанија во политиката, пишува во соопштението издадено од „Левица“.

-Воопшто не е изненадување тоа што Владата, предводена токму од партијата која имаше предизборно ветување за една изборна единица, го одби Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во насока на една изборна единица, поднесен од група пратеници. Напротив, оваа власт предводена од СДСМ, исполнува исклучиво ветувања кои никогаш ги нема споменато пред народот туку ги има дадено на трети страни во служба на туѓи интереси.

Но, крајот на оваа претстава, која големите партии ја приредуваа многупати досега, е веќе познат – поддршка на иницијативата поради популизам но знаејќи дека другите тоа нема да го сторат. Ваквата лажна поддршка целосно го минира успехот на самата иницијатива.

Изненадува тоа што пратениците, кои се коалициони партнери на Владата, а истовремено го сочинуваат и најголемиот дел од пратениците – предлагачи на оваа иницијатива, се’ уште остануваат верни поддржувачи на политиките на власта и покрај тоа што таа истата Влада недвосмислено ја одби оваа нивна иницијатива. Крајно време е помалите партии во Собранието конечно да се надминат себе си и да престанат со играње на улогата на приврзок на владејачките партии. Имено, токму сега, кога фунционирањето на Парламентот и опстанокот на Владата зависи од помалите партии, особено оние кои се во власта, имаат можност да покажат дека го застапуваат јавниот интерес, а не своите лични привилегии како коалициони партнери на Владата.

Територијалната поделба на Македонија и постојниот изборен модел се кроени за задоволување на етничките интереси на албанските партии. Оттука, промената во насока на организирање на целата територија на Македонија, како една изборна единица, не само што ќе доведе до поправична застапеност на волјата на народот и разбивање на хегемонијата на двете партии, туку и ќе го заузда етно-центризмот и трибализмот кој е вкоренет во сите пори на политичкиот систем на државата.

Сегашниот изборен модел, фаворизирајќи двопартиска хегемонија резултира со брзо заробување на секој нов политички субјект во гравитационото поле на некоја од големите партии, обично таа партија која ја предводи власта. Оттука, секоја можност за промена во политичкиот систем која може да доведе до губење на нивниот комодитет е неприфатлива и таа бидува уништена уште во самиот нејзин зародиш, пишува во соопштението на Левица.

Претходна вестЧие завладувачко пробивање ја прекинало дејноста на Св. Кирил и Методиј?
Следна вестПочинале 16 пациенти, новозаразени со вирусот се 51 лице