Се гледа дека имате големо чувство за боја. Вие можете да бидете одличен сликар, но тоа не значи дека сте и уметник. Уметник е само оној кој во своето дело внесува лична нота. Ако се задржите на својот терен и малку посериозно ги погледате вашите средновековни фрески, лесно ќе го најдете својот уметнички пат…, бил советот кој во 1930 година тогаш 29-годишниот млад македонски сликар Лазар Личеноски го добил од прославениот хрватски уметник Иван Мештровиќ за време на неговата изложба во Загреб.
По она што подоцна се случувало со уметничкото формирање на Личеноски може да се каже дека советот бил и целосно прифатен, а тој станува еден од најзначајни македонски сликари – експресионисти и најавтентичните сликари на македонскиот предел, во кои внесувал и фолклорни елементи, а зад себе оставил и мотиви на мртва природа, портрети и мозаици.
Инаку, животниот пат на Лазар Личеноски, кој почина да денешен ден пред 60 години, на 10 април 1964 година, покажува дека тој уште од раната младост бил посветен на ликовната уметност. Роден во Галичник во 1901 година, тој во 1927 година во Белград завршува уметничка школа со академски курс , а потоа две години се усовршува во Париз и се враќа во Белград, каде членува во групата „Облик“ и во Скопје каде живее и интензивно твори ликовни дела. Се редат самостојни и групни изложби, при што посебно е значајна неговата групан изложба во Скопје заедно со Димитар Пандилов и Никола Мартиноски, основоположниците на македонското модерно сликарство.
Во мај 1929 година, период кога во Македонија цутат афионите, тој дошол во Македонија, посетил повеќе манастири и цркви и создал триесетина пејзажи кои ги изложил на својата прва самостојна изложба во Белград. Таквите мотиви веќе стануваат и препознатливи за неговото творештво. За сликарството на Личеноски е специфичен македонски амбиент, како на пример, афионски полиња, а неговата преокупација во сликите бил човекот во моментот на некоја работна активност – претстави на рибари, бачила, дрвосечачи… Така и настанувата неговите најпознати дека „Бачила“, „Долап“, „Афионски полиња“, „Охридски рибари“ и многу други. Дел од неговото творештво се и мозаиците „Мајка со дете“, „Галички девојки“, „Мајстор-кујунџија“, „Апотеоза на трудот“ и други.
По Втората светска војна, Личеноски се преселил од Белград во Скопје и тука живеел од 1945 до 1960 година, а тој повоен период за него претставувал фаза на тешко приспособување на околностите. Личеноски бил член на комисијата која ја опремила Уметничката галерија во Скопје, бил предавач на првата генерација ученици во Уметничката школа во Скопје, која по неговата смрт го носи неговото име. Во 1954, во Даут-пашиниот амам во Скопје била отворена ретроспективна изложба на Личеноски. Пет години подоцна (1959) во Домот на градежниците тој се претставил со постановката на тема „Старо Скопје кое исчезнува“. По скопскиот земјотрес, под шаторско крило во дворот на разурнатата куќа, насликал неколку платна од таа природна катастрофа.
Инаку, во февруари 2015 година, куќата на Личеноски, која се наоѓа во подножјето на Скопското кале, станала државна сопственост, а две години потоа е прогласена за споменик на културата од големо значење.