Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство. За измените и дополнувањето 57 гласаа „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.
Со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Пратеничката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова забележа дека законот на пленарна седница стигнал со кршење на Деловникот, на сите практики и процедури.
Според неа, Комисијата за европски прашања демонстрирала моќ, а шесте суштински амандмани им биле одбиени како неуредни од страна на претседателот на Собранието.
Панова рече дека законот не е во согласност со Европската конвенција за државјанство.
– Лицата треба да добијат државјанство со одредени предуслови, а не како сега само врз основа на една сметка за болничко лекување биде дадено државјанство, рече Панова, која додаде дека сега со измените и дополнувањето на законот се создаваат предуслови за злоупотреби.
Реплицирајќи и на Панова, Халил Снопче од Алијанса на Албанците рече дека на говорницата се пласираат дезинформации.
То објасни дека се работи за околу 15 документи и дека тоа се однесува за лица кои до 1990 живееле во државата, а кои потоа го изгубиле државјанството – еден период имале југословенско државјанство, а потоа го изгубиле.